Позитивни перцепции за претприемништвото во земјата

Позитивни перцепции за претприемништвото во земјата

Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Центарот за развој на нови бизниси при Машинскиот факултет во Скопје (БСЦ), денес (29 декември 2009 година) го промовираа извештајот „Претприемништвото во Македонија“, во рамките на најголемото истражување за претприемништво во светот – Глобален монитор на претприемништво (ГЕМ).

МРФП и БСЦ, како дел од лиценцираниот Национален тим на ГЕМ во земјата, за прв пат во Македонија, ја спроведоа годишната оценка на претприемништвото на национално ниво. Методологијата на истражувањето е воспоставена во 1999 г. од страна на Колеџот Бабсон од Бостон и Лондонската школа за бизнис.

Извештајот е резултат на потребата да се оценат перцепциите и ставовите за претприемништвото како и самите претприемачки активности и аспирации на претприемачите. Истражувањето опфаќа телефонска анкета на 2.000 граѓани и консултации со повеќе стручни лица.

Истражувањето покажа дека во Македонија, генерално, постојат позитивни перцепции за претприемништвото. 80% сметаат дека претприемништвото е добар избор за кариера и 66% дека медиумите му придаваат соодветно внимание на претприемништвото. Единствено 35% од испитаниците сметаат дека стравот од неуспех би ги спречил да започнат бизнис, а 40% би започнале во следните 3 години.

Mакедонија има највисока претприемничка активност од земјите во Европа во кои е правено истражувањето ГЕМ, мерено преку клучниот индекс ТЕА (Total Early-Stage Entrepreneurial Activity). Индексот ТЕА за Македонија изнесува 14,5%. Тој означува дека 14.5% од испитаниците на возраст 18-64 години се претприемачи. Притоа, половина од нив се претприемачи во зачеток (имаат деловни активности до 3 месеци), а половина се нови (имаат деловни активности до 3,5 години). За половина од претприемачите во Македонија претприемништвото е нужност, додека за другата половина претставува можност.

Позитивни перцепции за претприемништвото во земјата

Во Македонија е поверојатно да се биде претприемач доколку некој е маж, на возраст од 25 до 34 години, со повисоко ниво на образование и повисоко ниво на приходи. Иако ова се карактеристики и во глобални рамки, сепак вреди да се спомене дека јазот меѓу мажите и жените во Македонија е нешто поголем од нивото на земјите од регионот. Од друга страна, најмладата популација (18-24 години) има значително повисока склоност кон претприемништво од земјите во регионот.

Во поглед на најчести причини за престанок со бизнис се наведуваат непрофитабилноста на бизнисот и проблемите со финансирањето. Најчести неформални инвеститори на претприемачите се блиски членови на семејството, а најчести извори на формално финансирање се кредити од банки.

Прилог:
Табела 1. Претприемнички перцепции во Македонија и светот
Табела 2. Претприемнички активности во Македонија и светот