Во периодот од мај до јули 2010 г. Националниот тим на ГЕМ Македонија повторно ќе го спроведе најголемото истражување за претприемништвото во светот – Глобално истражување на претприемништвото (ГЕМ).
ГЕМ се состои од спроведување на анкета на 2,000 испитаници од земјата и анкета на домашни стручњаци за состојбата со претприемништвото во Македонија. Во наредниот период, покрај анализа и толкување на добиените податоци, ќе биде организирана Национална работилница за состојбата со претприемништвото во Македонија, на која ќе бидат презентирани првичните наоди од истражувањето. Покрај стручњаците, учество ќе земат претставници од владини институции, организации за поддршка на претприемништвото, претприемачи и медиуми.
Резултатите од анкетите и заклучоците од Националната работилница ќе претставуваат составен дел од Извештајот за претприемништвото во Македонија за 2010 година, кој ќе биде објавен наредната година.
Истовремено, резултатите од истражувањето за Македонија ќе бидат дел од Глобалниот извештај на ГЕМ, кој се објавува на почетокот на секоја година од страна на Светската асоцијација за истражување на претприемништвото.
Погледнете го првиот национален извештај како резултат од спроведувањето на ГЕМ во Македонија во 2008 година, со наслов Претприемништвото во Македонија.